До
ВМРО ДПМНЕ
Ул. Македонија 17а Скопје
Предмет: ПРЕДЛОЗИ и СТАВОВИ на вашиот јавен повик
Почитувани,
по објавување на вашиот повик за ставови и предлози во врска со дебата за можни измени во постојните закони за медиуми (Закони за аудиовизуелни услуги) Македонската асоцијација на новинари – МАН ви ги доставува следните предлози и ставови:
1. Не се создадени услови, ниту се наведени причини, за битни измени во постојниот Закон за медиуми, а уште помалку за нов закон.
Имено, ниту една новинарска асоцијација, како и ниту една јавна институција, субјект кој подразбира респективен број членови од областа на културата, образованието, правните науки, групи корисници на медиумите… никој од нив не посочил потреба од промени во постојниот закон за медиуми, а уште помалку од нов закон за медиуми, што значи дека не се создадени причини за промените.
Освен ова, ниту една меѓународна институција која се занимава со следење и оценка на слободите и правата на новинарите во Европа и во светот, во ниту еден свој став или констатација не напоменала дека во Македонија се потребни измени во постојните закони кои се однесуваат на работа на медиумите и Агенцијата за аудиовизуелни услуги. Освен од овие, професионалните новинарски асоцијации, предлози, забелешки или упатства за менување на законот нема ниту од ОБСЕ, ниту од
која било европска институција која се занимава со јавноста, медиумите и човековите права.
Со ова, заклучуваме дека не е исполнет основниот политички и јавен услов за измени на законот, а уште помалку дека се создадени услови за нов закон за медиуми – а тоа е немање основана причина за тие процеси. Напротив, по низа години забелешки за работата на медиумите од надлежни професионални меѓународни институции, дури сега со овој нов закон се создаваат услови за подобрување на работата на медиумите, со што меѓународните институции би можеле повисоко да ги оценат слободите и условите за работа на медиумите.
Единствениот предлог, барање за нов закон за медиуми, доаѓа од политичката партија СДСМ со кусо образложение – дека со новиот закон за медиуми кои тие го предлагаат, за нив би се создале поволни и пожелни услови за наредните избори.
Неприфатливо е, од аспект на европските стандарди, а и од аспект на законските прописи во Македонија, да се менува Законот за медиуми и да се бара прилагодување на медиумите во државава на изборни потреби на една партија (СДСМ), која, патем, бара и партиско раководење на Агенцијата за медиуми за свои изборни потреби. Изборите се работа и задача за партијата, нивни избор и одговорност, а не задача за целата држава. Доколку нивното барање е основано, тоа значи дека секоја партија пред секои избори во иднина ќе има право да бара нов закон за медиуми, нов начин на контрола врз медиумите, во согласност со нејзините изборни планови и критериуми, што е спротивно на европските стандарди.
2. Постоечкиот Закон за медиуми (Закон за аудиовизуелни услуги) е подготвуван 18 месеци пред да се изгласа во декември 2013 година, а завршен и целосно спроведен пред само 6 месеци. Тој е производ на работа на респективни европски институции и експерти, има европски сертификат и поддршка од Европската унија, ОБСЕ и САД. Негово менување по само шест месеци од имплементацијата е и недоверба кон европските експерти, Европската унија и САД, кои го изработиле законот, односно го поддржале.
Наспроти ова, СДСМ бара нов закон според нивни, партиски предлог, кој би се спровел за само неколку недели, без јавна расправа и европска стручна експертиза, и кој зад себе нема ниту заклучоци од европски експерти, ниту европска лиценца, ниту пак писмена поддршка од ЕУ, ОБСЕ и САД. Уште оттука е јасно дека се работи за темелни разлики во пристапот, стандардите, квалитетот и содржината кои укинуваат европски закон, а наметнуваат партиски закон за потреби на избори.
3. Доколку се размислува за измени во сегашниот закон, предлагаме тие измени да бидат примена на сугестиите и забелешките на угледни и репрезентативни медиумски и новинарски асоцијации од Европа и светот кои последниве години давале свои забелешки за работата и односот кон новинарите и медиумите во Македонија, а со цел – подобрување на слободата, професионалноста, заштитата и независноста на новинарите и медиумите.
– Генерално, во даночната политика да се намали данокот за услуги кои ги даваат медиумите, од сегашните 18 на 5 проценти. Причина за ова е што се работи за јавна услуга која е ограничена со закон и е и непазарна. На пример, се забранува огласување на алкохол и слично, што е пазарна добивка за медиумите која не им е дозволена.
Освен ова, на овој начин се дава поддршка за самостојност на медиумот, а на компаниите им се дава поттик за маркетинг ориентација, прилагодување на современи маркетинг акции и подобрување на конкурентноста.
– Имплементирање на електронските медиуми во законот, при што електронските медиуми (информативни медија сајтови) би имале рамноправен статус со другите медиуми како весниците, телевизиите и радиостаниците, со еднакви права и обврски во согласност со технологијата на својата работа.
Во сегашната состојба интернет-медиумите, информативните сајтови, се хендикепирани – немаат статус на медиуми, а нивните автори немаат статус на новинари. Ова дава лоша можност случајни луѓе да се претставуваат за новинари, а своите приватни сајтови лажно
и без основ да ги промовираат како медиуми, и со својата нестручност и некомпетентност да го подриваат генерално угледот на новинарот и новинарството. Да се занимаваат со надриновинарство.
– Намалување на казните за медиумите и новинарите кои се наведени во сегашниот закон, во согласност со постапката која е применета кај прекршочните казни.
– Измени во составот на Советот на Агенцијата за медиуми (За аудиовизуелни услуги) со намера да се намали влијанието на партиите и дневната политика, а да се зголеми влијанието и контролата од цивилниот сектор, јавноста и професионалните асоцијации.
Во оваа смисла нашите предлози за измена на постојниот закон се:
Амандман бр. 1
Се менуваат став 1 и став 2 од член 14, и член 14 став 1 и 2 гласи:
Член 14
Именување на членови на Советот
(1) Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Советот на предлог на овластени предлагачи.
(2) Овластени предлагачи на членови на Советот се:
– двете здруженија на новинари од Република Македонија со најголем број членови предлагаат по два члена на Советот.
– Интеруниверзитетската конференција предлага еден член на Советот.
– Асоцијацијата на национални телевизии предлага еден член на Советот.
– Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија предлага еден член на Советот.
– Македонската православна црква предлага еден член, со услов истиот да биде граѓанско нецрковно лице и да има најмалку 5 години искуство во новинарството, образованието на кадри од новинарството или менаџирање на медиум.
– Исламската верска заедница предлага еден член, според истите принципи како и Македонската православна црква.
– Адвокатската комора на Македонија предлага еден член на Советот.
Советот е составен од 11 членови. Член на Советот со право на глас, како 11. член, е и директорот на Агенцијата. Собранието ги верификува предложените членови.
Амандман бр. 2
Член 103 се менува и гласи
Член 103
На јавниот радиодифузен сервис не му е дозволено рекламирање – освен на програма од сопствена и настани од големо јавно значење утврдени во согласност со овој закон.
Образложение: Бидејќи МРТ се финансира од три извори: од Буџетот на РМ, од радиодифузна такса и од реклами се создава нелојална конкуренција кон приватните телевизии. Со оваа решение ќе се зајакне конкурентноста и рамноправноста во медиумската сфера.
Амандман бр. 3
Член 150 се брише во целост
Образложение: Заради исполнување на барањата на новинарските здруженија и на асоцијациите на медиуми за намалување на казните и укинување на неосновани забрани и можности за субјективност во казнената политика, а во интерес на либерализација на медиумите, бараме овој член да се брише во целост.
Сметаме дека наведените принципиелни забелешки, како и конкретните амандмански измени на постоечкиот закон, нема да го нарушат неговиот либерален карактер туку ќе го доградат истиот, а ќе се задржат високите европски професионални и јавни стандарди кои се застапени и верифицирани од ЕУ, ОБСЕ и САД во сегашниот закон.
Благодариме ан соработката и укажаното внимание
Скопје, 12.12.2015 година
Македонска асоцијација на новинари – МАН
Претседател, Слаѓана Димишкова