Повик за мирен протест пред грчка амбасада денеска

Македонската асоцијација на новинари, утре (вторник 11.06.2013), од 11.30 до 12.00 ќе организира мирен протест пред канцеларијата за врски на Република Грција во Македонија, со цел да изрази нездоволство од одлуката на грчките власти да забранат влез на новинарката на дневниот весник, “Дневник”, Ивана Костовска.

Македонската асоцијација на новинари апелира до сите нивинари во Македонија да искажат солидарност и да присуствуваат на мирниот протест.

Македонска Асоцијација на Новинари

МАН

Грчките власти и забранија на новинарка од “Дневник” да ја премине границата на граничниот премин Богородица-Евзони, пред две недели, без никакво образложение. Уредничката за надворешна политика на дневниот весник, Ивана Костовска, приватно патувала во соседната земја, но на преминот била повикана на разговор каде царинските службеници и рекле дека не може да влезе во Грција. Костовска не добила одговор зошто и е забранет влезот во оваа држава.

На новинарката дополнително и било посочено за прашања да се обрати во грчкиот конзулат во Скопје, но се претпоставува дека причина за забрана е репортажата која пред неколку месеци Костовска ја објавила за Лутраки, провинциско место во Грција каде претежно живее македонско население.

Во документот напишан на грчки и на српски јазик било наведено дека Костовска се смета за опасност на јавниот ред и безбедност, за внатрешната безбедност, јавното здравје и меѓународните односи на една држава – членка на Европската унија.