Го повикуваме ОБСЕ да има ист принцип и критериум и кога медиуми блиски до СДСМ и фондацијата на Сорос во Македонија повикуваат на линч на новинари, политичари или актери кои имаат став и мислење спротивно на интересите на таа партија и фондација, се вели во соопштението од Македонската асоцијација на новинари.
Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје објави дека ги прекинува контактите со медиуми кои му даваат простор за изјави, или новинарски настап, на новинарот Миленко Неделковски. Според нивното соопштение причина за ова биле низа новинарски пишувања на новинарот Миленко Неделковски, како и изјавата дадена од Кавадарци за Телевизија Сител која во ОБСЕ ја оценуваат како говор на омраза. Македонската асоцијација на новинари испрати сооштение во кое вели дека се согласува со ОБСЕ дека наведената изјава на новинарот Миленко Неделковски, во еден дел во кој се спомнува потреба со бетон да се полијат неистомислениците е спорна, непотребна и може да доведе до страв или загриженост кај одредена категорија на луѓе и затоа такви метафори треба во иднина да се одбегнуваат, особено во јавните настапи на сите јавни личности.
– Најпосле, и уредникот на ТВ Дневникот во кој e емитувана изјавата, Валентин Николовски, веднаш се огради и извини до гледачите на кои таа содржина можеби не им се допаднала. Но, дали е тоа говор на омраза може да цени и оцени само надлежен суд. Го повикуваме ОБСЕ, како институција во рамките на европски стандарди и принципи, да ја повлече својата најава за селекција на медиуми во Македонија направена според нивни вкус, затоа што таквиот однос е притисок и дискриминација врз медиумите и новинарите во нив, а тоа е сосема спротивно на европските стандарди и принципи, се вели во соопштението од МАН.
Ако ОБСЕ има за цел нивната работа да биде достапна до севкупната македонска јавност, и сите новинари да имаат рамноправен пристап до информации од ОБСЕ, ваквата дискриминација на подобни и неподбни медиуми секако ја оневозможува таа рамноправност. Во спротивно, ова може да стане пракса на ОБСЕ во Македонија и во иднина да врши поделба на подобни и неподобни граѓани, на подобни и неподобни етнички заедници и слично, предупредува МАН.
– Го повикуваме ОБСЕ да има ист принцип и критериум и кога медиуми блиски до СДСМ и фондацијата на Сорос во Македонија повикуваат на линч на новинари, политичари или актери кои имаат став и мислење спротивно на интересите на таа партија и фондација, се вели во соопштението.
Македонската асоцијација на новинари за овој инцидент ќе го извести и претседавачот на ОБСЕ Ивица Дачиќ, и очекува ОБСЕ да закаже средба со претставници на МАН на која ќе ги презентира мотивите за овие истапи на ОБСЕ кои директно влијаат на правата и интерсите на новинари, членови на МАН.