До
– Mr. Johannes Hahn, European Commissioner
– European Parliament’s Committee on Foreign Affairs (AFET)
– Subcommittee on Human Rights (DROIT) of the European Parliament’s Committee on Foreign Affairs
– International Federation of Journalists (IFJ)
– European Federation of Journalists (EFJ)
– Parliamentary groups in the European parliament of the EPP, PES, AECR and ALDE
Доставува: Македонска асоцијација на новинари МАН, Скопје – Македонија
булевар „Климент Охридски” – Европски универзитет б.б. www.man.mk
Предмет: Информација за предлог и наметнување закони за медиуми во Република Македонија со
кои се ограничува право на новинар за коментар, став и анализа
Почитувани,
Во Република Македонија партијата СДСМ (Социјалдемократска партија), која е најголема опозициона партија во државата, императивно бара донесување нов закон за медиуми (Закон за аудиовизуелни услуги), со кој се ограничува правото на новинар да има право на коментар, свој став и анализа.
Според два члена од законот кој се наметнува, и кој е како таков е веќе јавно објавен, во член 62 – Политички плурализам во вестите и информативните програми, напишано е: “… во вестите и дневноинформативните програми не смее прекумерно да се нагласуваат гледишта и мислења на една конкретна личност, институција или организација.”
Понатаму пишува: “…презентерите на вести и новинарите во вестите и дневноинформативните програми не смеат да изразуваат нивни лични гледишта.”
Освен ова, во Законот за медиуми, кој императивно го бара СДСМ, стои дека новинарот и водителот во секоја контактна емисија или дневни вести мораат да имаат претставници од двете страни за темата која е предмет на информацијата, на двете страни да им се даде идентичен простор без право на свој став, анализа или коментар од новинарот или водителот. Доколку не се обезбедат две страни со исто време на застапеност, не може да се пласираат информациите, а новинарот и медиумот ќе бидат казнети. Казните кои се предвидени се привремено одземање на правото за работа како на медиумот, така и на новинарот, а како следна казна е трајно одземање лиценца за работа на медиумот и забрана да се занимава новинарот со професијата новинарство. Казните, според овој закон, би ги определувал директор на агенцијата за медиуми, поставен по предлог на партијата СДСМ, според свој личен впечаток и дискреционо право за висина на казната. Притоа, директорот и Советот на агенцијата за казнување можат да се повикуваат на оценки за небалансирано известување, субјективност во известувањето, пристрасност на новинарот, нарушување на меѓународни релации на државата, моралност, фаворизирање на една информација…. што се субјективни категории кои припаѓаат на лични ставови, мислења и убедувања.
Никаде во законот не се наведени критериуми кои утврдуваат што подразбираат овие категории, туку е оставено директорот на Агенцијата за медиуми самостојно да цени кога се создадени услови за казни. Жалбата не го запира извршувањето на таквата казна.
Сметаме дека ваквите законски права на дискреционо одлучување според сопствен вкус и лична проценка се цензура, сериозна закана за професионалноста, слободата и независноста на новинарот, а, освен ова, во спротивност се и со Повелбата за човекови права, како и со Уставот на Република Македонија каде во Член 16 се гарантира право на слободно изразување. Новинар кој има вакви ограничувања за објавување свој став, анализа и коментар нема можност да ја врши својата професионална работа.
Македонија има постоечки Закон за медиуми (Закон за аудиовизуелни услуги), кој е донесен неодамна, во Собранието е изгласан во декември 2013, а конечно е имплементиран во мај 2015 година.
Постојниот, сегашен Закон за медиуми е изработен од експерти на Европската унија, поддржан е од новинарските асоцијации во Македонија МАН и ЗНМ, а изработката на законот е платена 900.000 евра од ИПА 2009 програмата. Поддржан е со писмени изјави од Европската унија, ОБСЕ и Амбасадата на САД во Република Македонија. Но, сега СДСМ бара нов, рестриктивен Закон за медиуми.
Согласно препораките на ЕУ, владејачките партии во Република Македонија: ВМРО ДПМНЕ и ДУИ имаа преговори и договор со опозициските партии СДСМ и ДПА за исполнување реформи во областа на изборните закони, поделба на власта и судството, и договор за предвремени избори на 24 април наредната, 2016 година.
Во ниту една точка на препораките од ЕУ, или во договорот помеѓу партиите, ниту директно ниту индиректно не се спомнува нов Закон за медиуми, или измени во постоечкиот. Но, сега опозициската партија СДСМ бара нов Закон за медиуми како услов да се појави на наредните, веќе договорени, предвремени парламентарни избори во 2016 година. Условот кој го поставува СДСМ за учество во изборите е сериозен, и може да предизвика измени во постојниот Закон за медиуми како што е во овој допис наведено, што ќе значи прекршување на основните професионални и човекови права на слободно изразување, затворање медиуми и оставање без работа на многу новинари.
Од партиите во власта и опозицијата побаравме да ни посочат кој закон во Европа има вакви одредби, но од СДСМ не добивме одговор. Понудивме и алтернатива: применете кој било закон за медиуми од која било европска држава, наместо вашиот услов за избори, но и тоа беше одбиено од страна на предлагачот СДСМ, бидејќи во ниту еден европски закон не постојат ограничувања и казни какви што тие бараат за македонските медиуми и новинари. Тие изјавуваат дека бараат услови и медиуми кои ќе придонесат за нивните партиски интереси на наредните избори, а во спротивно најавуваат бојкот на изборите.
Сметаме дека сегашниот Закон за медиуми изработен од експерти на Европската унија во 2013. и имплементиран оваа 2015 година – е добар, и може битно да придонесе за демократизација на медиумскиот простор, слободата и независноста на медиумите. Македонија со години наназад немаше битен напредок во слободата и независноста на медиумите, и сегашниот нов Закон за медиуми изработен од експерти на ЕУ кој дури од оваа година е во функција, за прв пат дава сериозни законски можности за медиумите и подобрување на состојбата со професионалноста, слободата и независноста на новинарите и медиумите во Македонија.
Македонската асоцијација на новинари МАН (основана во 2002 година), која според бројот на членови е доминантна новинарска асоцијација во Македонија, само во последните шест месеци забележа и објави повеќе случаи во кои партијата која бара ваков рестриктивен закон, СДСМ, и нејзини активисти извршиле насилства врз новинари и медиуми: кршење на редакцијата на неделникот Република, кршење и насилства во редакција на Радио слободна Македонија, насилство и тепање на уредник и снимател на Телевизија Сител, насилства и јавни закани по живот врз новинари на портал Курир, закани од говорница на митинг на СДСМ во мај 2015 врз медиуми и новинари, закани со апсење по избори на новинари и уредници од страна на портпаролот на партијата Шилегов, изјава на прес-конференција на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека четири од шест национални телевизии ( Сител, Канал 5, Алфа ТВ и јавниот сервис МРТВ) се нивни најголеми партиски непријатели… а тие телевизии покриваат над 80 проценти од гледачите во Македонија.
Вакви насилства, закани и јавно прогласување непријатели во најголемите медиуми нема во ниту една посткомунистичка држава во Европа. А наведени се само шест месеци.
Медиумите кои СДСМ јавно ги прогласи за непријатели, преку нивниот Закон за медиуми ќе бидат егзекутирани, како што најавува самата партија. СДСМ, освен свој Закон за медиуми, императивно бара партијата да предложи и директор на Агенцијата за медиуми, и мнозинство во Советот на Агенцијата за медиуми.
Измените и нов Закон за медиуми каков што бара СДСМ со наведените ограничувања и казни, се отворена закана за најголем број медиуми и новинари во Македонија, и ја враќаат земјата три децении назад, во времето на комунизмот и идеолошките комисии кои оценуваа подобност на новинарите и медиумите, и нивна забрани за работа.
Ве молиме да ја примите ова информација со внимание, доколку ви е потребно можете да побарате дополнителни детали и информации од нас, и овие сознанија да ги претставите пред вашите членови, и да ни дадете поддршка да се задржи и сочува постојниот Закон за медиуми кој е создаден од европски експерти, и согласно европски стандарди и поддршка наспроти партиски закон за потреби на избори на една партија.
Имаме европски закон со целосни права на став, коментар и анализа во медиумите и јавноста, а ни се заканува губење на тие основни лични и професионални слободи и партиска контрола, во 21 век и во држава која е земја кандидат за членка на ЕУ.
Предлагаме средба во ваш термин. Подготвени сме да ве посетиме и да презентираме детали од овој процес, како и да одговориме на ваши прашања. Процесот е во тек, и условот на СДСМ да се донесат опишаните законски измени е тоа да се случи до крајот на оваа година, а во спротивно тие би ги бојкотирале изборите, и би ја напуштиле обврската која ја потпишале со другата политичка страна и со посредство на еврокомесарот Хан.
Скопје, 9 декември 2015 година
МАН – Македонска асоцијација на новинари
Претседател Слаѓана Димишкова
www.man.mk