Македонската асоцијација на новинари – МАН ги презентираше своите ставови за реформи во работата на јавниот сервис МРТ, со цел подобрување на ефикасноста, независноста и професионалните стандарди на јавниот сервис.
Накусо, од Македонската асоцијација на новинари, се предлагаат следните измени:
1. Финансирање на МРТ преку средства од Буџетот на РМ. Сегашната наплата според систем на такса, јавна давачка, е неефикасна. Нема доволен степен на наплата, создава долгови и каматни оптоварувања за МРТ и влијае рестриктивно на менаџирањето и програмската ефикасност. Преформулирањето на начинот на собирање приходи не ја менува суштината при прибирање на средствата, но ја менува ефикасноста. Фиксните приходи би придонеле МРТ да биде стабилна, самостојна и креативна.
2. Преземање на мерки за дистанцирање на политичките партии од работата на МРТ. Ова би се постигнало со менаџерски договори на директорот и уредниците на МРТ, кои се директно зависни од гледаноста на јавниот сервис и неговата ефикасност, а би било обврска никој од нив да не бил на никаква функција во партија, државен орган или јавен сектор.
3. За таа цел треба изрично да се забрани во програмскиот совет на МРТ свои претставници да предлагаат партиите, било од власта било од опозицијата, туку претставници во програмскиот совет на МРТ да бидат лица кои немале функции во партии, државни органи и јавен сектор, а предлагани би биле – 2 претставници по предлог од МАНУ, 3 од Универзитетската конференција, за почитување на правичната застапеност – 1 член по предлог од Албанскиот театар и уште 1 член од Турскиот театар, 1 член по предлог на Адвокатската асоцијација и 2 члена од новинарските асоцијации (1 член до МАН и 1 член од ЗНМ), како и 2 члена по предлог од Агенцијата за филм.
Вкупно 12 членови, или еден помалку од досегашниот состав, што придонесува за концентрација на стручност и ефикасност. Во овој прелог се изоставени Собранието и ЗЕЛС како предлагачи, што придонесува за дистанцирање од партиите и политичкото влијание.
Членовите би имале статус на раководен орган во рамките на свои овластувања, со обврзувачкиседници еднаш неделно и расправа по тековни теми, а би се одлучувало со просто мнозинство од вкупниот број членови.
4. Укинување на рекламен простор во програмите на МРТ, освен за копродукциски емисии и тоа лимитирано на 3 минути рекламен простор во текот на 60 минути.
Ова се дел до ставовите на МАН за реформи на МРТ кои придонесуваат за ефикасноста, независноста и професионалноста на јавниот сервис. Останатите свои ставови МАН ги предлага на работните средби кои се во тек, а за истите ќе биде известена и јавноста.